Тежок пораз за кошаркарите на Евре на гостувањето во Нант. Тимот за кој настапува нашиот репрезентативец Стојан Ѓуроски загуби со убедливи (73:91).

Како стартер, Ѓуроски одигра 32.минути. Притоа реализираше пет поени (0/3 за три 1/2 за два и 3/3 за еден поен). Имаше и по два скока, исто толку асистенции, како и по една освоена односно загубена топка.

Ова беше и петтиот пораз во осум одиграни натпревари за Евре кој се наоѓа на 13. место на табелата во француската ПРО Б.

Серија без крај за Димитријевиќ и Хувентуд 

Уште едно одлично издание и уште една голема победа реализираа Ненад Димитријевиќ и неговиот Хувентуд. Во Бадалона беше запрена и екипата на Билбао. Славеа „зелено-црните“ со сигурни (96:87), и тоа со одличен финиш. Четвртина во која реализираа 33, а примија 24.поени.

Ненад Димитријевиќ одигра 12:14 минути, и притоа реализираше осум поени (4/6 за два поени), плус и четири додавања и два скока за тоа кратко време поминато во игра.

Овој седми триумф во 11.одиграни средби ги донесе Хувентуд и Димитријевиќ на делба на 4. позиција на табелата во Ендеса лигата на Шпанија, каде со ефект (9-2) ко-лидери се вечните ривали, Барселона и Реал Мадрид.  

До убедлив триумф стигнаа и кошаркарите на Реал Бетис, каде оваа сезона настапува уште еден македонски репрезентативец, Шејн Витингтон.

Во Севиља „падна“ Естудијантес, екипа која ја предводи некогашниот македонски селектор Александар Џикиќ. И тоа доста лесно и убедливо (88:66).

Високото крило на Бетис остана на теренот нецели 20.минути во кои постигна ефект од осум поени (2/2 за два и 4/4 за еден поен), пет скока и две успешни додавања.

Доволно за ефект (3-8) на Реал Бетис, кој во моментов е на позицијата број 16 во најсилната лига на Стариот континент.   

Самарџиски до дабл-дабл, Самсунг до нов загубен меч 

Предраг Самарџиски беше еден од најдобрите играчи во екипата на Самсун, но и тоа не беше доволно да избегнат уште еден пораз во Втората лига на Турција.

Пеџа и соиграчите загубија на гости кај вториот тим на Анкара, и тоа минимално (76:77).

Искусниот македонски центар оствари двоен ефект, имаше по 14. поени (6/26 од поле и 2/5 за еден поен) и исто толку скокови. А за сите 40.минути, додаде и четири асистенции, по две блокади и освоени и три загубени топки.

И по осум кола во ТБЛ 2 лигата, Самсун останува на една победа, и претпоследно место на табелата.