|  Сезона 2011/12

Рекапитулар на сезоната

Прва Лига Мажи сезона 2011/12 низ 35 фотографии

Со моментот на првата првата фотографија заврши возбудливата 2011/12 сезона во елитната македонска лига. А како почна...


Торус СЦБТ составува силна екипа, која игра одлично на подготвителните турнири и ја претставува амбицијата за пласман на самиот врв во сите натпреварувања. (Торус СЦБТ - Фени Индустри, 25.09.2011)


МЗТ Скопје прослави 45 години од постоењето на клубот. Свеченоста се одржа во текот на финалниот натпревар од пријателскиот турнир помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Торус СЦБТ. (08.10.2011)


Торус СЦБТ го освои турнирот во „Јане Сандански“ со победа во финалето против МЗТ Скопје Аеродром од 102-85. Навивачите на МЗТ знаеја што му треба на тимот. (08.10.2011)


Првиот трофеј во сезоната за играчите на Работнички. Во финалето од Суперкупот играно во Кавадарци, Работнички го победи Фени Индустри со 89-83. Димитар Мираковски, кој постигна 35 поени, ја доби наградата за МВП на финалето. (09.10.2011)


Торус СЦБТ дебитира во Балканската лига (БИБЛ), со што стана третиот македонски тим кој настапувал во ова натпреварување, по Фени Индустри и Работнички. (10.10.2011)


Без изненадувања во Првото коло. Лирија пружи силен отпор на МЗТ, но домаќинот успеа да ја отвори сезоната со победа од 79-73, во меч кој се играше низ два дена. (16.10.2011)


Работнички уште во второто коло, во мечот со Фени Индустри во Скопје, го загуби репрезентативниот плејмејкер, Димитар Мираковски, кој поради повреда го пропушти остатокот од сезоната. Фени Индустри победи на тој натпревар со 75-66. (19.10.2011)


Првото „вечно дерби“ се одигра пред празните трибини во „Јане Сандански“. МЗТ Скопје Аеродром го победи Работнички со 79-70, а најдобар на паркетот беше Ноа Далман со 30 поени и 10 скокови. (22.10.2011)


АБА Струмица солидно ја почна сезоната со Џеремаја Босвел и Филип Брукс како предводници на тимот. Амбициите за опстанок во лигата почнаа да се рушат со крајот на регуларниот дел од сезоната. (Работнички - АБА Струмица, 29.10.2012)


Работнички го носи Јане Петровски како засилување на бековската позиција. Во деби настапот против АБА Струмица, со оваа клучна тројка во самата завршница од мечот, носи прва победа за „црвено-белите“ во сезоната. (29.10.2012)


Младите кошаркари до 20 години, со правилото за задолжителен настап во првото полувреме, добија добра шанса да се докажат и да соберат важно искуство во градењето на нивните кошаркарски кариери. Бобан Стајиќ (Лирија) и Горјан Марковски (Торус СЦБТ) беа меѓу најистакнатите во лигата. (Торус СЦБТ - Лирија, 02.11.2011)


Новиот прволигаш КК Кожув амбициозно влезе во сезоната со голема поддршка од домашните навивачи во Гевгелија и постојано полни трибини за натпреварите од Првата лига. (Кожув - Торус СЦБТ, 05.11.2011)


КК Куманово прослави 65 години од постоењето на клубот. На церемонијата одржана пред првенствениот меч со МЗТ Скопје Аеродром, признанија беа доделени на бројни легенди и помагатели на клубот, а навивачите излегоа со посебна кореографија за настанот. (Куманово - МЗТ Скопје Аеродром, 12.11.2011)


Лирија го доведува Ненад Зивчевиќ како големо засилување. Дебитира со победа од 92-90 против Работнички и станува лидер на екипата до заминувањето за Шведска во текот на зимската пауза од сезоната. (16.11.2011)


Тодор Гечевски дебитира за МЗТ Скопје Аеродром, но Торус СЦБТ им го нанесува вториот пораз (85-84) во сезоната по продолженијата играни во СЦ „Борис Трајковски“. (20.11.2011)


Тројката на Џарид Фрај со истекот на времето донесе победа на Фени Индустри над Лирија од 69-68, со што кавадарчани ја завршија првата полусезона на лидерското место на табелата, без пораз по девет средби. (20.11.2011)


Работнички славеше во второто „вечно дерби“ во сезоната, совладувајќи го МЗТ Скопје Аеродром со 80-68. Под водство на новиот тренер Марјан Лазовски, Работнички победи на шест од седум натпревари, со кои го осигура пласманот во Суперлигата. (04.12.2011)


МЗТ Скопје Аеродром брзо се рехабилитира од поразот во „вечното дерби“ и веднаш во следното коло убедливо слави против шампионот Фени Индустри (92-71), нанесувајќи му го првиот пораз во сезоната. Чековски и Далман со искомбинирани 45 поени и 17 скокови го предводат својот тим до победа. (08.12.2011)


Работнички го доведува Немања Јелесијевиќ од Куманово како засилување по заминувањето на неколкумина високи играчи во текот на зимската пауза. Јелесијевиќ ја завршува сезоната (до стартот на плејофот) како најефикасен кошаркар во Македонската прва лига според статистиката (земени во предвид МВП индекс поени).


Балша Радуновиќ и Диме Тасовски во Суперлигата ја засилија Лирија, со што тимот од Сарај се избори за трето место и плејоф во прволигашката конкуренција. (Торус СЦБТ - Лирија, 04.02.2012)


Работнички ослабен ја почнува Суперлигата и веднаш на стартот е поразен од ривалот МЗТ Скопје Аеродром со 88-69 во „Градски парк“, по што останува со мали шанси за пласман во плејоф. (04.02.2012)


Куманово со поразот од Лирија во Сарај (98-92) заостанува три бода на табелата зад четвртата позиција која води во плејоф и кои не успеа да ги надокнади до крајот на Суперлигата, со што завршува на петтото место. (11.02.2012)


Торус СЦБТ, под водство на новиот тренер Марјан Србиновски, со победа против Работнички (75-67) рано во Суперлигата, веќе сериозно се приближува до сигурно место во плејофот. (15.02.2012)


Предводен од Гечевски и Мијаиловиќ, МЗТ Скопје Аеродром остварува победа во Кавадарци над Фени Индустри од 79-75, со што влегува во плејофот како првопласиран, но и со предност од 1-0 против сите останати конкуренти за титулата. (17.03.2012)


Џастин Рејнолдс импресионира во полуфиналната серија против МЗТ Скопје Аеродром, но Торус СЦБТ не успева да победи во „Јане Сандански“ со што „Металците“ обезбедуваат пласман во големото финале (31.03.2012)


И покрај одличниот настап на Лирија во текот на целата сезона, екипата од Сарај ниту еднаш не успева да го победи Фени Индустри и е елиминирана во полуфиналната серија со максимални 3-0.


Почнува големото финале, навивачите на МЗТ Скопје Аеродром со силна надеж дека ќе се израдуваат на прва титула во историјата. Екипата од „Јане Сандански“ со убава предност од 1-0 и прв натпревар на домашен терен поради подобриот меѓусебен дуел со Фени Индустри во регуларниот дел од сезоната. (18.04.2012)


Иван Лилов промаши тројка во последните секунди од првиот меч кој изобилуваше со неизвесност и МЗТ Скопје Аеродром поведе со 2-0 во финалната серија. Следи пауза од 8 дена поради настапот на Фени Индустри на Фајнл фор турнирот во БИБЛ лигата. (18.04.2012)


Фени Индустри не планира рано да се откаже. Одличната тимска игра на кавадарчани, предводени од расположениот Дарко Соколов, носи убедливи 84-65 против МЗТ и надеж за целосно враќање во серијата. (26.04.2012)


Огнен Стојановски и Ѓорѓи Чековски играат добра партија во „Јане Сандански“, не дозволувајќи изненадување и задржувајќи ја предноста на домашниот терен со победа од 84-59. МЗТ стигнува на само чекор до прва титула. (29.04.2012)


Тодор Гечевски добива честитки од соиграчите пред празните трибини во Кавадарци. МЗТ го слави пехарот со победа од 81-73, односно со вкупни 4-1 во финалната серија против Фени Индустри. (02.05.2012)


Капитенот на второпласираниот Фени Индустри, Горан Самарџиев, честиташе на победникот. Кавадарчани годинава настапуваа на три финални натпревари (во Суперкупот, Купот и Првенството на Македонија) и на уште еден Фајнл Фор турнир (во Балканската лига), но останаа без трофеј. (02.05.2012)


Тодор Гечевски заслужено со наградата за најкорисен играч во Македонската Прва Лига, која ја додаде на МВП наградата освоена во Купот на Македонија. Репрезентативниот центар беше предводник на играта на МЗТ во успешната сезона. (02.05.2012)


Моментот кој „сино-белите“ го чекаа 20 години. Капитенот Тони Грнчаров го подигнува шампионскиот пехар... (02.05.2012)


...А приврзаниците на МЗТ Скопје Аеродром знаеја како да го прослават успехот. (02.05.2012)




 

Ул. Македонија, 11А, ПФ 318
1000 Скопје, Р. Македонија
тел/факс: +3892 2464988
E-mail:
contact@basketball.org.mk
Сениорски Лиги: +3892 2454320
Младински Лиги: +3892 2464990

© 2006 Сите права задржани


Developed by Nextsense
Powered by webBuilder