|  А-Тим Мажи

Сениорската репрезентација го доживеа првиот пораз во подготовките

Пораз за Македонија во тесен натпревар против Италија

(26.07.2014) Во натпревар кој изобилуваше со борбеност и цврста и агресивна игра на двата краја од теренот, Италија ја совлада нашата репрезентација со 63-56, нанесувајќи им го првиот пораз на избраниците на Александар Џикиќ во подготовките за Евро-квалификациите. Македонија својот последен меч на Трофеј Македонија го игра во недела од 20.00 часот против Црна Гора.

Високиот процент на реализација на шутот од далечина на Италија уште во првата четвртина, рано во натпреварот направи разлика во резултатот. Предводени од ѕвездата на Детроит Пистонс, Луиџи Датоме и Пјетро Арадори, кои погодуваа и од многу тешки позиции на теренот, Италијанците по првата четвртина веќе водеа со 26-12. Нашите репрезентативци, како и на претходните натпревари, одиграа борбено и со срце, но недостасуваше реализација, особено од позициите за три поени. На полувреме се замина со 43-30 за Италија, додека тимот на Симоне Пјаниџани во првите 20 минути погоди 9 тројки од 13 обиди, кои ги дополни со 8 реализирани слободни фрлања.

Третата четвртина не донесе сериозни промени во резултатот, па иако со многу труд на теренот нашите кошаркари успеаја да се приближат на осум поени разлика (47-39), Датоме врати со тројка од голема далечина и преку човек во одбрана, одржувајќи ја својата селекција со двоцифрено водство. Со максимално цврста и организирана игра во одбраната, избраниците на Александар Џикиќ успеаја да го сопрат реномираниот противник на само четири постигнати поени во последниот период, во кој се доближија и до 5 поени разлика, но неколку нови промашувања од изградени ситуации не дозволија комплетен пресврт, па Италија оствари триумф од 63-56.



Александар Костоски со 11 поени го заврши натпреварот како најпрецизен, а по 10 поени додадоа Ричард Хендрикс и Дамјан Стојановски. Покрај нив, уште седуммина играчи се запишаа во листата на стрелци, дополнувајќи ја сликата за нова тимска партија на Македонија. Нашите репрезентативци уште еднаш одлично се носеа со силниот противник во рекетите, а ги примораа Италијанците и на голем број загубени топки. Реализацијата од поле и шутот од далечина беа решавачки за конечниот исход, додека Италијанците имаа брилијантни први три четвртини, погодувајќи 11 тројки од 16 обиди за три поени.

По победата против Полска, и поразот од Италија, нашата репрезентација утре (недела) ќе го одигра последниот меч од Трофеј Македонија турнирот и воедно последен на домашен терен пред стартот на Квалификациите за Евробаскетот. Натпреварот утре повторно ќе се игра од 20.00 часот во СЦ „Борис Трајковски“, а противник ќе биде репрезентацијата на Црна Гора.




 

Ул. Македонија, 11А, ПФ 318
1000 Скопје, Р. Македонија
тел/факс: +3892 2464988
E-mail:
contact@basketball.org.mk
Сениорски Лиги: +3892 2454320
Младински Лиги: +3892 2464990

© 2006 Сите права задржани


Developed by Nextsense
Powered by webBuilder