|  Соопштенија

Скопје е подготвено за Европското првенство


Од 29. јули па сe до 7. август Скопје ќе биде домаќин на Европското првенство Б дивизија за кошаркари до 18 години. Вкупно 24 репрезентации од Европа ќе земат учество на најголемото досега натпреварување одржано во нашиот главен град од ваков тип.

 „Овој настан е од големо значење за федерацијата оваа година. Сета своја концентрација и сета сила во изминатиот период македонската кошаркарска федерација ги насочи кон организирањето на ова првенство за да настанот биде што поуспешен. Нашата цел е да оставиме што подобар впечаток кај претставниците од ФИБА , па во иднина да бидеме и домаќини на некој голем настан од сениорската конкуренција“ – истакна генералниот секретар на МКФ, Моника Гавриловска.

Оперативниот менаџер на првенството, Јане Петковски ја дополни Гавриловска откривајќи дека голем број на кошаркарски федерации од Европа сакаат да присуствуваат на првенството.

„ФИБА има високи побарувања и очекувања од нас како организатори. Ова првенство иако е дивизија Б ги има истите карактеристики како најдобрите првенства организирани од ФИБА. Настанот ќе биде проследен и од новинари од 20 различни земји. ФИБА во нас гледа сериозен партнер за што зборува и секојдневните барања од други федерацвии што ги добиваме кои скаат да бидат присутни на настанот и да видат како МКФ успеа да организира првенство со минимален буџет“ – дополни Петковски.

Светската куќа на кошарката ќе има два свои рпетставника кои ќе го следат првенството. Шинеад Гордон веќе пристигна во Скопје и даде позитивни оценки за градот-домаќин на овогодинешното првенство.

„Чест ми е што ќе присуствувам на овој настан. Тука сум за да ја претставувам ФИБА и би сакала да им се заблагодарам на челниците на МКФ за сет вложен напор за организирањето на ова првенство.Тешко е да се најде организатор на олку големо првенство. Ќе настапат репрезентации од 24 земји, а 12 натпревари дневно ќе се играат во три спортски сали. Тоа е голем залак за секого и мило ни е што МКФ одлично ја врши работата со огромна посветеност. Два дена сум овде и можам слободно да кажам дека организираноста е на високо ниво. Веќе неколку репрезентации пристигнаа и се сместени во хотелите.  Салите се одлични и ги исполнуваат сите услови. Голема благодарност до МКФ што ни го овоможи ова и се надевам дека ќебидеме сведоци на едно убаво првенство“ – задоволна е Шинеад Гордон, официјалниот претставник на ФИБА.

СЕЛЕКТОРОТ ЗАДОВОЛЕН, ИГРАЧИТЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ИЗНЕНАДУВАЊЕ

Пред речиси два месеца Клифтон Елис беше официјално назначен за селектор на јуниорската репрезентација. Тој е убеден дека имал доволно време за да ги процени младите кошаркари.

„Нема да си задаваме некои превисоки цели. За почеток сакаме да напредуваме како тим од натпревар во натпревар. Задоволен сум од досегашниот прогрес на подготовките иако имавме помалку пријателски и тест натпревари од посакуваното. По вечерашниот натпревар со Португалија ќе го имаме конечниот список на 12 играчи кои ќе настапуваат на првенството. Сите играчи беа отоворени за соработка што го направи процесот на подготовки двојно полесен“ – вели предводникот на јуниорите Клифтон Елис.

Задоволен е и капитенот на јуниорите Ненад Димитријевиќ кој го дополни селекторот најавувајќи изненадување од нашата селекција.

„Подготовките поминаа одлично, сега ни останува само да излеземе на паркетот и да го дадеме максимумот. Како што е моменталната кошарка, ништо не се знае. Кога можеше еден Исланд да ја изненади Грција тогаш зошто и ние да не направиме некоја сензација. Сe е можно“ – заврши Димитријевиќ кој вели дека дополнителен мотив за младите кошаркари би биле и полните трибини.




  

 

Ул. Македонија, 11А, ПФ 318
1000 Скопје, Р. Македонија
тел/факс: +3892 2464988
E-mail:
contact@basketball.org.mk
Сениорски Лиги: +3892 2454320
Младински Лиги: +3892 2464990

© 2006 Сите права задржани


Developed by Nextsense
Powered by webBuilder