Стручниот Совет на МКФ со предлог до УО на МКФ
Марин Докузовски за селектор на сениорите
На денешниот состанок, Стручниот Совет на МКФ донесе одлука да го предложи тренерот на Работнички за селектор на националниот сениорски тим
На седницата на Стручниот Совет, на која присуствуваа и директорот на сениорската репрезентација Врбица Стефанов и директорот на националните тимови Илија Мерџановски, се разгледуваа две точки, избор на селектор на сениорите и рестартирање на националниот младински камп на МКФ.

По однос на изборот за нов селектор, сите присутни на седницата разговараа за три предлози и тоа, Марин Докузовски, Александар Тодоров и Марјан Лазовски. Во своите дискусии, сите едногласно се сложија да го предложат до УО на МКФ актуелниот тренер на Работнички, како најискусен и најтрофеен тренер во моментов. Стручниот Совет даде препорака, заради континуитет и искуство со сегашната генерација и Марјан Лазовски да продолжи да работи со сениорската репрезентација, а во стручниот штаб да биде вклучен и Слободан Петровски, како еден од најперспективните млади тренери кај нас. Предлогот до УО е на Докузовски да му се довери двегодишен мандат, односно, квалификациите за ЕП во Литванија 2013.
Вториот дел од состанокот мина во разгледување на актуелната ситуација во младинската кошарка, при што е констатирано дека во поголемиот дел клубови во Македонија воопшто не се работи на напредокот на младите кошаркари. За таа цел, Стручниот Совет даде предлог до УО, МКФ повеќе да се вклучи во работата и контролата на младите играчи. Една од најважните работи во овој дел е обновувањето на летниот камп за млади кошаркари под покровителство на МКФ, на кој ќе бидат поканети најталентираните млади играчи, а ќе биде отворен за сите останати. Стручниот Совет ги именуваше Александар Књазев и Драган Василов како тренери на МКФ кои ќе ја спроведат оваа програма, која вклучува и континуирана работа и собири со талентираните деца и во текот на сезоната. |