|  А-Тим Мажи

Сениорите продолжуваат со добрите настапи

Победа против Полска за почеток на Трофеј Македонија

(25.07.2014) Сениорската репрезентација на Македонија го оствари четвртиот триумф во исто толку натпревари во подготовките за Евро-квалификациите и прв на Трофеј Македонија, турнирот кој почна денеска во Скопје. Избраниците на Александар Џикиќ беа подобри од Полска, совладувајќи ја со 73-63.

Македонија водеше во текот на целиот натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ и сосема заслужено стигна до победа од 73-63 против цврстата репрезентација на Полска.

Уште од самиот старт, со дисциплинирана игра на двата краја од теренот, нашите кошаркари поведоа со 8-0, па иако Полска успеваше на моменти да се приближи, Македонија не дозволи во ниту еден момент да го загуби водството. Избраниците на Александар Џикиќ имаа проблеми со реализацијата од далечина, сепак, со борбена тимска игра на двата краја од теренот успеваше  да ја одржи разликата.

Највисоката предност ја имавме на средна на втората четвртина (29-12), сепак Полска имаше добар реализаторски крај на полувремето и успеа да се доближи на 37-32. Во третата четвртина Македонија креираше нова двоцифрена предност, која и покрај силните обиди на Полјаците да ја анулираат, на крајот беше доволна за победа. Во последнта минута од мечот се влезе со 66-63 за Македонија, по што следуваа поени на Војдан Стојановски и тројка на Бојан Трајковски, за Дарко Соколов со две реализирани слободни фрлања да ги постави конечните 73-63.

Бојан Трајковски со 21 поен и 8 скокови беше најпрецизен во нашиот тим, а двоцифрен број на поени постигнаа и Дамјан Стојановски, Војдан Стојановски и Дарко Соколов. Доминантна партија под кошевите играше Ричард Хендрикс кој забележа 11 скокови.

Пред натпреварот помеѓу Македонија и Полска се одигра средбата помеѓу Црна Гора и Италија, во која Италијаните победија со 86-84. Натпреварите на Трофеј Македонија продолжуваат утре со дуелите Полска - Црна Гора (17.30 часот) и Македонија - Италија (20.00 часот).




 

Ул. Македонија, 11А, ПФ 318
1000 Скопје, Р. Македонија
тел/факс: +3892 2464988
E-mail:
contact@basketball.org.mk
Сениорски Лиги: +3892 2454320
Младински Лиги: +3892 2464990

© 2006 Сите права задржани


Developed by Nextsense
Powered by webBuilder