|  А-Тим Мажи
39.то Европско првенство во кошарка прво во историјата кое ќе се игра во четири држави



Европскиот шампионат во кошарка (Евробаскет) за првпат ќе се одржи во четири држави односно само првата фаза натпреварите по групи ќе се играат во четири градови низ целиот континент.

Овој шампионат требаше да се одржи во Украина, но поради безбедносната ситуација ФИБА Европа донесе одлука организацијата да и биде одземена на Украина, а подоцна е решено во четири држави да се играат натпреварите од групите. Па така, А групата се игра во Монпеље (Франција), Б групата се игра во Берлин (Германија), Загреб (Хрватска) е домаќин на Ц групата и Д групата ќе се игра во Рига (Летонија).

Од овој шампионат е променет и системот на натпреварување. Во втората фаза ќе се пласираат четирите првопласирани селекции од секоја група што не беше случај досега, кога продолжуваа три репрезентации. Наместо досегашната втора фаза во група ќе се игра осминафинале по принцип на елиминации, а потоа ќе следува четвртфиналето, полуфиналето и натпреварите за медали. Двете првопласирани селекции (финалистите) ќе обезбедат пласман на Летните Олимписки игри во Рио 2016, додека репрезентациите кои ќе се пласираат од 3 до 7.место ќе играат во олимписките квалификации.
Завршницата од осминафиналето до крајот на првенството ќе се игра во францускиот град Лил.

На Евробаскетот ќе настапат 24 репрезентации, а најмногу учества има актуелниот европски шампион Франција (37), а зад нив е Италија со 36.

Македонија по петти пат ќе биде учесник на Евробаскет. Првото учество нашата репрезентација го имаше во 1999 година на шампионатот во Франција (13.место), на второто учество во Полска 2009 година бевме пласирани на 9.место, а во 2011 година во Литванија го постигнавме најголемиот успех со пласманот на 4.место. Пред две години во Словенија, македонската репрезентација го освои 21.место.

Во однос на претходното првенство три репрезентации се нови: Исланд (дебитант), Холандија (последен пат играше на ЕП 1989 година во Загреб) и Естонија (последно учество 2001 година). За разлика од шампионатот во Словенија ги нема селекциите на: Црна Гора, Велика Британија и Шведска.

Според најавите вкупно 28 играчи кои настапуваат во НБА лигата ќе се најдат на ова првенство, а ќе бидат предводени од „тројката“ кои на последните седум европски првенства го освојуваше признанието МВП (најкорисен) играч: Тони Паркер (Франција) во 2011 и 2013 година, Пау Гасол (Шпанија) 2003 и 2009 година и Дирк Новицки(Германија) 2001, 2005 и 2007 година.

Распоред на групите:
А група (Монпеље): Франција, Полска, Босна и Херцеговина, Израел, Русија, Финска.
Б група (Берлин): Германија, Исланд, Србија, Шпанија, Италија, Турција.
Ц група (Загреб): Хрватска, Македонија, Словенија, Грција, Холандија, Грузија.
Д група (Рига): Летонија, Чешка, Естонија, Белгија, Украина, Литванија.

Евробаскетот почнува на 5.септември (утре) и ќе трае со 20.септември, а титулата европски шампион ја брани Франција.




 

Ул. Македонија, 11А, ПФ 318
1000 Скопје, Р. Македонија
тел/факс: +3892 2464988
E-mail:
contact@basketball.org.mk
Сениорски Лиги: +3892 2454320
Младински Лиги: +3892 2464990

© 2006 Сите права задржани


Developed by Nextsense
Powered by webBuilder