|  Куп натпреварувања 2015/16

МЗТ Скопје А. со убедлива победа над вечниот ривал Работнички до трофејот во Хуавеј супер купот



Актуелниот шампион МЗТ Скопје е освојувач на првиот трофеј во новата сезона од Мак Баскетот, пехарот во Хуавеј Супер Купот.

Металците во финалето славеа победа над вечниот ривал Работнички со 81 - 62 и сосема заслужено го освоија престижниот трофеј од Хуавеј Супер купот.

Подмладениот тим на Работнички само едно полувреме беше рамноправен ривал на актуелниот шампион.

Квалитетот и долгата клупа на МЗТ Скопје дојде до израз во второто полувреме кога избраниците на Алеш Пипан го скршија отпорот на дотогаш рамноправниот противник.



Капитенот на МЗТ Скопје, Марко Симоновски со неколку поени во низа на стартот на третата делница обезбеди убедлива предност за својот тим, што во продолжението од мечот кошаркарите на шампионот со рутинска игра ја одржаа до крајот и стигнаа до заслужен триумф од 81 - 62.

И без класичен плејмејкер МЗТ Скопје, во улога на организатор на играта во отсуство на повредените Протиќ и Љубичиќ, солидо одигра репрезентативецот Дамјан Стојановски, шампионот од Аеродром лесно и убедливо го совлада вечниот ривал Работнички на финалето во Охрид.


Работнички ја одржуваше резултатската неизвеснот до половина од средбата, капитенот Мираковски во почетните 20 минути одлично ги разигруваше младите соиграчи, но во вториот дел не можеше да го издржи темпото на металците.

Токму капитените на финалистите Марко Симоновски и Димитар Мираковски беа најефикасните кошаркари на средбата со по 17 односно 16 поени. Во редовите на победникот солидно одиграа и Мијатовиќ со 16 и  Дреновац со 13 поени.



Кај Работнички, покрај Мираковски одлично одигра и репрезентативецот Бојан Крстевски со 15 поени и 6 скока.



Пехарот за победникот на Хуавеј Супер Купот на капитенот на МЗТ Скопје Марко Симоновски му го врачи градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески.



По крајот на финалето, претседателот на МКФ, Петар Наумоски му врачи слика со репрезентативен дрес на еден од творците на македонската кошарка, легендарниот Лазар Лечиќ.






Вредни награди од спонзорот на Супер Купот „Huawei“, најнови модели на мобилни телефони Хуавеј по крајот на дуелот од рацете на потпретседателите на МКФ, Илија Пенов и Сашо Дракуловски, добија најдобриот стрелец и најкорисниот кошаркар на Хуавеј Супер Купот, Ѓорѓе Дреновац односно Димитар Мираковски.



Награда имаше и за најсреќниот од публиката, телефон од Хуавеј доби Димитар Митревски, кој на полувремето од финалето успеа да биде прецизен од зад линијата за три поени.

Хуавеј Супер купот кој викеднов се играше во СЦ. Билјанини извори во Охрид беше одлична увертира на престојната сезона во Првата лига која започнува на 10 октомври.




  

 

Ул. Македонија, 11А, ПФ 318
1000 Скопје, Р. Македонија
тел/факс: +3892 2464988
E-mail:
contact@basketball.org.mk
Сениорски Лиги: +3892 2454320
Младински Лиги: +3892 2464990

© 2006 Сите права задржани


Developed by Nextsense
Powered by webBuilder