|  Соопштенија
Скопје "брои ситно" до почетокот на ЕП дивизија Б за кошаркари до 18 години



Нешто повеќе од 12 часа нe делат од почетокот на Европското првенство дивизија Б за кошаркари до 18 години. Главниот град на Македонија ќе нагости млади кошаркари од 24 земји учеснички на овој настан. Официјалните претставници на националните состави одржаа последен заеднички состанок во пресрет на првенството.
"Сe е подготвено за првенството, а нам ни преостанува да ги броиме минутите до отворањето. Иако екипите краток период се тука, чест ни е што се покажавме како добри домаќини. Денес конечно пристигнаа сите репрезентации, сместени се во хотелите "Континентал" и "Александар Палас" и се запознаа со своите водичи. Веќе добивме неколку пофалби за пречекот на селекциите заради што сме многу задоволни. Се надеваме дека пофалбите ќе продолжат да чукаат на наша врата"- истакна Јане Петковски, менаџерот на првенството на последниот технички состанок.

На состанокот говореше и Шинеад Гордон, официјален претставник на ФИБА на првенството која накратко ги запозна директорите на селекциите за правилата кои ги наметнува светската куќа на кошарката.

"Пред сe би сакала да им се заблагодарам на тимовите кои денес беа расположени за соработка со нас. Знаеме дека се уморни, но ние сме тука за да се погрижиме дека, како и досега, сe ќе мине во најдобар ред. Голем број на луѓе се ангажирани за да организацијата остане на највисоко ниво. Би сакала да нагласам дека ФИБА го задржува правото, а постои голема веројатност да спроведе и антидопинг тест за кој тимовите би биле известени на полувремето. Понатаму, сите селекции ќе добијат и летоци со совети за користење на социјалните мрежи. Се надеваме дека ќе имаме одличен настан, без повреди и проблеми" - дополни Гордон.

Вториот технички состанок ќе биде одржан по завршувањето на групната фаза.

Првенството официјално започнува утре (29. Јули) на пладне. Македонските кошаркари првиот натпревар го играат во Спортскиот Центар "Борис Трајковски" во 18 часот и 45 минути против врсниците од Бугарија.




  

 

Ул. Македонија, 11А, ПФ 318
1000 Скопје, Р. Македонија
тел/факс: +3892 2464988
E-mail:
contact@basketball.org.mk
Сениорски Лиги: +3892 2454320
Младински Лиги: +3892 2464990

© 2006 Сите права задржани


Developed by Nextsense
Powered by webBuilder