Започна 18-то првенство на Македонија
Во знакот на Дамјан Стојановски и навивачите на МЗТ Скопје
Новите прволигаши Вардар Осигурување и Плејмејкер Кубус стартуваа со победа, Пелистер го “сефтоса“ новиот паркет во „Младост“ со 2 бода, а најголемиот триумф на стартот од сезоната го оствари МЗТ Скопје, благодарение на своите навивачи. На првите четири натпревари - 1375 гледачи во просек, кошарката и натаму е најпосетен спорт во Македонија!
Дамјан Стојановски покажа дека времето во кое беше само талент полека заминува. За да дојде ново време - ѕвездено. Младиот репрезентативец на В. Осигурување одигра фантастичен меч против Овче Поле, вистинска симултанка во која реализираше 32 поени и неверојатен МВП индекс - 38 поени.
Торус го отвори првенството со лесна победа над актуелниот Куп победник Амак СП, а Пелистер и покрај проблемите со кои се соочуваше пред почетокот на првенството, покажа дека во Битола и натаму ќе живее прволигашката кошарка.
И натаму живее и МЗТ Скопје - тоа е најголемата победа на Македонската кошарка. Благодарение најмногу на навивачите, кои беа најангажирани во спасот на клубот кој пред само еден месец беше во финансиски, спортски, егзистенцијален колапс. МЗТ Скопје загуби од солидниот Плејмејкер Кубус, но триумфот дефинитивно и се впишува на извонредната публика - Family Аеродром, која 40 минути скандираше, навиваше и го славеше својот клуб - МЗТ Скопје. Веројатно во најкоректно, вистинско навивачко издание на било кој спортски натпревар во историјата на нашата држава. Без навреди кон противниците, судиите, фрлање предмети и недолично однесување - онака како што треба да се сака и навива за својот клуб.
 кликни за видео
Истото го очекуваме и од City Park Boys в петок, кога и Работнички, кој се најде во идентични проблеми како и вечниот ривал, ќе го стратува првенството против Фени Индустри во дербито на 1-то коло.
 32 поени на стартот - Дамјан Стојановски
|