Конститутивна седница на новиот Борд на ФИБА Европа
Македонија со четири претставника во комисиите на ФИБА Европа
Прифатена идејата на МКФ - Европското Првенство 2013 за мажи со 24 учесници, се укинува поделбата на Дивизија А и Дивизија Б.
На првата конститутивна седница на новиот Борд на ФИБА Европа во Минхен, донесени се неколку одлуки во однос на персоналните решенија во комисиите, како и одлука за промена во системот на натпревари на сениорските Европски Првенства за мажи. Имено, од ЕП 2013, 24 земји ќе учествуваат на завршниот турнир, а сите европски селекции, независно дали биле претходно во А или Б дивизијата, ќе имаат можност, низ квалификациии да изборат место на финалниот турнир од ЕП.
Целиот нов систем на квалификации и натпревари за Европските првенства, како конечен изглед треба да го подготви новата Комисија за натпреварување на ФИБА Европа, чиј претседател, со вчерашната одлука на Бордот на ФИБА Европа е М-р Даниел Димевски, претседател на МКФ. Идејата за проширување на бројот на екипи учесници како проект е иницирана токму од Македонската Кошаркарска Федерација, со поддршка на други европски федерации и од тука и поставувањето на Димевски за претседател на оваа клучна комисија претставува официјализирање на заложбите на МКФ околу овој проект. Комисијата за натпреварување на ФИБА Европа е најзначајната комисија на Бордот и нејзиниот претседател по службена должност всушност станува дел од Бордот на ФИБА Европа. Ова големо признание за македонската кошарка е резултат на високиот рејтинг што нашата кошарка и федерацијата го има во европската куќа на кошарката, но и кај сите земји членки на ФИБА Европа.
Исто така, битна промена околу настапот на завршниците на ЕП ќе биде и можноста да се пријават 14 играчи во финалниот список, а селекторот ќе може да одбере 12 играчи на еден час пред почетокот на соодветниот натпревар.
Македонија има свои претставници и во други комисии, Илија Мерџановски е избран од бордот на ФИБА Европа за член на Техничката Комисија на ФИБА Европа, а националниот инструктор Ѓорѓи Пиперков за член на Комисијата за жалби на ФИБА Европа, каде беше член и во претходните 4 години. Дејан Лекиќ е избран за член на Младинската комисија на ФИБА Европа, а токму низ оваа комисија треба да се реализира проект-предлогот на МКФ, за формирање перманентен регионален младински центар на ФИБА Европа во Охрид, за едукација на млади кошаркари, тренери, судии и други кошаркарски работници (менаџмент и организација).
Инаку, на вчерашниот состанок во Минхен, Бордот на ФИБА Европа ги избра и своите нови потпретседатели, претставниците на ФИБА Европа во ФИБА, како и Извршниот комитет на ФИБА Европа. Нови потпретседатели на ФИБА Европа се Инго Вајс од Германија, Белгиецот Сирил Куманс и Џон Гонсалвес од Гибралтар. Покрај претседателот Олафур Рафнсон и генералниот секретар Нар Занолин, претставници на ФИБА Европа во бордот на ФИБА се Лена Валин Канци од Шведска и Шпанецот Хозе Луиз Саез Регаладо. Во новиот Извршен Комитет на ФИБА Европа, покрај претседателот, потпретседателите и генералниот секретар, се и Дино Менегин од Италија и Роман Лудвишчук од Полска. |